ВМРО-ДПМНЕ денеска остро ги критикува коалициите на политичката сцена, истакнувајќи дека на овие избори се разоткриени вистинските мотиви на одредени партии и политичари.

„На едно место се собраа и се обединија структури за најголемите криминални интереси и политички профити, се здружија само поради една цел, да ги заштитат личните бизниси“, се наведува во соопштението.

Партијата посочува дека Левица и ДУИ се здружиле во Струга и Тетово, иако порано се претставувале како антагонисти.

„Апасиев и Левица истите кои беа поддржувачи на СЈО за дебели хонорари, сега на овие избори повторно се продаваат за позиции, фотелји и многу кеш. Тоа е политиката на пазар и мито која Левица се обидува да ја прекрие позади маската на идеологијата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се критикува и коалицијата меѓу Стевчо Јакимовски и СДС, поддржана од Зоран Заев и Венко Филипче.

„Карпош за нив е претворен во пазар на политички зделки, а кандидатот на СДС е само декор, нема ниту кампања, ниту поддршка, ниту шанса на овие избори“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека за овие коалиции општина Карпош е само „каса“ за нови коруптивни шеми.

„Триото Заев, Филипче и Јакимовски ги спојува криминалот, градежната мафија и тендерите“, стои во соопштението.

Партијата уверува дека граѓаните ги препознаваат игрите зад кулисите и ќе ги казнат на изборите.

„Двете коалиции, Левица со ДУИ и СДС со црнолисташот Јакимовски, се прочитани и ќе бидат дебело поразени на овие избори. Народот ќе ги испрати во политичка пензија. Време е да се направи Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“, се заклучува во соопштението.