Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, денеска истакна дека со последната мериторна одлука на второстепената Комисија завршува предметот по однос оспоруваниот хотел во населбата Лагадин, односно се одзема и единствената можност на Општина Охрид да ја спречи изградбата на објектот.
Пецаков пред медиумите истакна дека за период од седум години сите градоначалници на Охрид во десет наврати дале негативно мислење по однос решението за градба, по единствен основ – заради непочитување на одредбите од Законот за градење. Како што рече, исто толку пати второстепената комисија на Министерство за транспорт и врски предметот го враќала на повторно одлучување во Општина Охрид.
– Општина Охрид седум години го паѓала предметот. Сега имаме мериторно и правосилно решение на второстепената комисија, потпишано од министерот Благој Бочварски. Основата по која го прогласувавме решението за градба за ништовно сега ја немаме, истакна тој.
Пецаков пред новинарите презентираше документација со сите одлуки по предметот, со појаснување дека сите градоначалници на Охрид во изминативе седум години, откако е издадена дозволата за градење на хотелот, решението за градба од 2016 година го посочиле за ништовно.
Како што посочи тој, одлуката на Општина Охрид на 30 јануари 2020 година ја потврдил и второстепениот орган во Министерството за транспорт и врски.
– Против тоа решение потоа е покрената тужба пред Управниот суд кој одлуката ја враќа на разгледување на првостепниот орган, а тоа е Општина Охрид… На 1 март оваа година се поништува решението на градоначалникот на Охрид, без тоа да се врати на одлучување на првостпениот орган, рече Пецаков, истакнувајќи дека со тоа Општина Охрид веќе нема како да постапува по предметот.
Градоначалникот уште рече дека очекува дека одлуката по предметот најверојатно дополнително ќе го оптовари буџетот на Општината, бидејќи инвеститорот на оспоруваниот објект веројатно ќе достави оштетни побарувања.