Пред точно педесет години, на денешен ден формирана е Заедницата на единиците на локална самоуправа, со обединување на 34 општини. Сега ЗЕЛС обединува 80 општини и плус уште една посебна единица на локалната самоуправа, а тоа е Град Скопје.

– По пет децении, успешно функционирање, ЗЕЛС продолжува да ја остварува својата примарна функција, а тоа е да ги реализира сите оние барања што ги имаат единиците на локалната самоуправа во делот на обезбедување што е можно поголема фискална независност и овозможување стабилност на општините, како и да ги застапува нивните интереси, изјави претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска на денешното одбележување на јубилејот.

Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање посочи дека несомнена е важноста на соработката помеѓу централната и локалната власт и затоа целта е иста, насочување на сите ресурси кон севкупниот економски развој на државата.

– Владата го поддржува рамномерниот регионален економски развој, затоа и организиравме инфраструктурни проекти за подобрување на условите за живот во општините и проекти за зголемување на нивната финансиска независност. Се реализираат 94 инфраструктурни проекти, дирекно насочени кон потребите на граѓаните со вкупна вредност од 49,7 милиони евра. Дел од проектите се завршени, а дел се во завршна фаза и треба да бидат реализирани оваа година, изјави Ковачевски.

Тој додаде дека уште во 2018 година им се помогна на општините со 50 милиони евра, со цел да сервисираат 50 проценти од својот долг. Сега се имплементираат трајни законски решенија за системска функционалност и самостојна работа на општините. Со измените на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, премиерот вели дека се зајакнува децентрализацијата и се овозможува максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво.

– За таа цел се реализира реформа за унапредување на фискалната децентрализација преку три главни столба, и тоа раст на приходите на општините, отплата на долговите, како и транспарентно работење, додаде тој.

Во одговор на новинарско прашање, премиерот Ковачевски истакна дека најголем проблем со којшто во моментов се соочува целиот свет, се соочува и Владата, меѓутоа и локалните самоуправи е снабдувањето со електрична енергија, односно цената на електричната енергија и на другите енергенси.

Тој посочи дека на состанок со ЗЕЛС постигнале договор сите општини ги дадат своите потреби – односно потрошувачка на електрична енергија како за образовните институции, културните институции и за уличното осветлување бидејќи различни општини имаат различни потреби.

– Дел од нив работат со енергетски ефикасни светилки, дел работат со светилки коишто не се енергетски ефикасни, таа потрошувачка беше евидентирана во Министерството за економија со обврска на државниот производител на електрична енергија да најде начин за номинирање на електрична енергија, согласно со потребите на општините за различни намени и таа да биде обезбедена најповолна можна цена којашто може да се добие на пазарот со оглед на растечките и сè уште високи неколкукратно повисоки во однос на нормалните целни на електрична енергија, појасни премиерот.

Тој додаде дека Владата има изготвено Закони, односно концепт на фискална децентрализација, за зголемување на приходите на општините, во однос на формирање на Фонд за перформанси за оние општини коишто имаат подобри перформанси во справувањето со прибирањето на даноците и со ефикасно извршување на своите обврски да можат да добијат повеќе.

-Оние општини коишто заради објективни ограничувања имаат помала можност да ги собираат даноците да можат да се финансираат од Фондот за порамнување за општини коишто се помалку развиени, со помал капацитет, дополнително воведување на финансиски инструменти за раздолжување на општините коишто се иновативни меѓутоа стандардни во добар дел на државите и на крај, подобрување на ефикасноста на општинските администрации со цел подобро прибирање на даноците што секако дека тука удел ќе имаат и одредени владини институции коишто ќе треба да им помогнат на општините, додаде премиерот.

По обраќањата на претседателката на ЗЕЛС и премиерот следуваше изложба на цртежи од ученици од четврто одделение, од училиштата од повеќе општини, кои за педесетгодишниот роденден на ЗЕЛС твореа на темата „Мојата општина – мој сакан дом“. Исто така, беше потпишан и нов Меморандум за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и ЗЕЛС, бидејќи актуелниот е склучен пред 19 години, поточно на 5 март, 2003 година.