Во државата настанаа одредени процеси кои влијаат на инфлацијата. А, инфлацијата може да биде различна, може да биде умерена, слаба, ниска, висока, хиперинфлација итн. Во Македонија имало различни видови на инфлации. Треба да се внимава многу во економијата, главен и одговорен фактор во државата за стабилноста на цените е централната банка во секоја држава. И од таму водењето на монетарната политика претставува дефинирање на растот на цените на почетокот на годината и усогласување на тој раст со растот на Буџетот. Значи постои еден микс на фискална и на монетарна политика кој што треба да биде усогласен“, појасни д-р. Јован Пејковски, професор по економски науки во гостување во утринската емисија „Еспресо со Златев и Боцевски“.

Тој се осврна и на моменталната економска ситуација во Македонија при што укажа дека влијаат повеќе елемент и фактори. Големо влијание врз македонската економија имаше и пандемијата КОВИД-19, таа бараше зголемени финансии од страна на државата за да се стабилизираат сите тие текови и да се импактира средства кои што ќе значат запирање на неповолни трендови како што беше затворање на претпријатија, барање на лек итн. Она што се случи во Украина со Русија е пореметување на светскиот пазар и придонесе да се почувствува влијанието и до Македонија.

-Македонија е увозно зависна држава во која што поголемиот дел од суровини и енергија во најголем дел се увезуваат. И од таму прашањето е како таа глобална инфлација, глобално влијание да се амортизира? Но, мора да се додаде дека домашната инфлација и домашното работење настанува на база на инфлациони очекувања. Секоја од компаниите кога ќе слушне дека утре ќе се зголеми цената на нафтата, на горивата, на струјата, на лековите си ги антиципира тие проценти на пораст и ги вградува во цените на своите производи. И така почнува да се зголемува тој инфлационен балон кој што расте, и во еден момент станува надвор од контрола и пука, а со самото тоа пореметувањата стануваат многу големи кои можат до доведат до нарушување на уште поголеми текови, рече Пејковски.

Пејковски посочи дека ако власта не преземе соодветни мерки за ублажување на инфлацијата и стабилизирање на економската состојба може и Македонија да дојде до таа ситуација кога инфлациониот балон ќе пукне.

-Ако не се преземат соодветни мерки, сериозни зафати вклучувајќи и некакви антиинфлациони мерки, стабилизациона програма, мерки кои што ќе значат ограничување на одредени непотребни трошења, одиме во насока на една бездна, нагласи Пејковски.

Пејковски додаде дека оваа влада премногу се насочи кон непродуктивни трошоци наместо кон продуктивни трошоци.

-Кај нас се случи тоа, секоја година кога имаше проценки за буџет, за раст на економија, на БДП, се кратеа инвестиции, односно капиталните вложувања, и сето тоа значи ограничување на растот на економијата, рече Пејковски.