Како што велат за МИА нивни претставници, подготвени се за разговор со надлежните институции, но тогаш кога ќе добијат официјална покана, а не „повик“ или „апел“ преку прес-конференција.
Според пекарите, никој не треба да очекува дека ќе има леб за 20 денари. Цената не требаше да се замрзне зашто тоа, потенцираат, се коси со уставното право за слобода на пазарот, ниту требаше да се укине субвенционираната струја зашто мерката даде резултат. Леб за 32 до 35 денари имаше во малопродажбата, зависно од квалитетот и грамажата.
Пекарската индустрија во оваа новонастаната ситуација, очекува поддршка од сите останати индустрии во земјава.
-Нашата одлуката останува во сила. И денеска нема да се ипорачува леб на пазарот. Се чека Владата да одлучи позитивно во однос на барањата на пекарите. Замрзнувањето на цената се коси со уставното право за слобода на пазарот. Очекуваме поддршка и од другите индустрии, од сите, зашто ако ова и се случува на пекарската индустрија, може да им се случи и на нив, потенцира во разговор за МИА претставник од Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Сопственик на една од поголемите мелници дополнува дека субвенционираната струја ја исполни целта.
-Повторуваме дека не беше потребно да се замрзне цената на лебот зашто веќе самата индустријата ја корегираше на 32 и 35 денари. Такви цени имаше на пазарот, се направи социјална цена за одредена категорија граѓани пред да се замрзне цената на лебот. Стоиме на ставот од понеделникот дека мерката на субвенционираната струја ја исполни целта зашто од нејзиното стапување во сила, цените се намалија. Очекувањета дека лебот ќе биде 20 денари, не може да се исполнат и тоа едноставно нема да биде, но имаше леб од 32 и 35 денари зависно од квалитетот и грамажата. Во однос на „поканата“ за средба што ја упати министерот Крешник Бектеши, би му порачал дека пекарската индустрија е секогаш подготвена за разговор, но треба да биде фицијално поканета, со конкретно наведена тема за разговор, а не преку прес-конференција, нагласува мелничарот за МИА.
Денеска втор ден во продавниците не се испорачува бел и полубел леб откако Владата завчера ја донесе одлуката да се замрзне цената на 33 денари. Причината за оваа мерка, како што објаснија премиерот Димитар Ковачевски и министрите за економија и за земјоделство, Крешник Бектеши и Љупчо Николовски, е неисполнувањето на договореното од страна на компаниите по испораката на субвенционираната струја, како и заштита на „џебот“ на граѓаните.