Кина денеска соопшти дека американските балони го нарушиле нејзиниот воздушен простор десетина пати од почетокот на 2022 година, објавувајќи ја оваа информација во време на тензии меѓу Пекинг и Вашингтон откако кинески балон прелета над територијата на САД.
На почетокот на февруари, американската војска собори кинески балон за кој Пентагон рече дека е шпионски и дека имал намера да собира чувствителни податоци. Кина го осуди инцидентот, велејќи дека се работи за цивилен авион кој го сменил курсот.
Од тој инцидент, неколку летечки објекти се забележани над Канада и САД, пред да бидат соборени. Засега не е познато што се тие летечки објекти и од каде потекнуваат.
Запрашан за ова, портпаролот на кинеската дипломатија денеска изјави дека американски балони летале над нејзиниот воздушен простор. „Само од минатата година, американските балони летаа над Кина повеќе од десет пати без никакво одобрение“, изјави за новинарите портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ванг Венбин.
Тој не даде детали за инцидентите, апелирајќи до новинарите да се обратат на „американската страна“. Нагласи дека Пекинг се справувал со овие упади на „одговорен и професионален начин“.