Кинескиот премиер Ли Кианг денеска изрази жалење за повикот на Западот да се намали зависноста од Кина, со оценка дека тоа е „лажен предлог“ во светот на поврзаните економии.

„На Запад, некои луѓе инсистираат на принципот дека треба да се намали зависноста, да се отстранат ризиците“, рече кинескиот премиер на отворањето на Светскиот економски форум во Тијанџин, во северна Кина.

Кинескиот премиер рече дека тоа се лажни концепти, бидејќи „со развојот на економската глобализација светската економија стана заедница во која сите се испреплетени“.

„Економиите на земјите се поврзани, меѓусебно зависни, напредуваат една со друга и растат заедно. Ова во суштина е добра работа, а не лоша работа“, рече кинескиот премиер.

Минатата недела Европската комисија претстави стратегија за поодлучен одговор на ризиците кои ја оптоваруваат нејзината економска безбедност.

Светскиот економски форум, познат како „летен Давос“, е првиот што се одржува во Кина од 2019 година и од избивањето на пандемијата на Ковид. Форумот ќе трае до четврток.