САД објавија дека ќе ослободат 50 милиони барели нафта од стратешките резерви во координација со Кина, Јапонија, Индија, Јужна Кореја и Велика Британија за да го ублажат растот на цените, откако водечките производители ги одбија повиците за зголемување на испораките.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, одлучија да го зголемат производството во декември за само 400.000 барели дневно, потврдувајќи го јулскиот план и предупредувајќи дека понудата ќе ја надмине побарувачката до крајот на оваа година и почетокот на следната.
Кинеската национална администрација за храна и стратешки резерви потврди минатата недела дека се подготвува да продаде дел од резервите на нафта. Тие не сакаа да го коментираат барањето на САД. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лијијан повторно одби да одговори на денешниот брифинг со новинарите дали Кина учествува во пуштањето на нафта од резервите во оптек, што го координираат САД.
-Кинеската страна ќе го организира ослободувањето на нафтата од стратешките резерви според нејзините реални потреби, рече Жао, додавајќи дека без одлагање ќе објави релевантни информации.
Кина ќе продолжи со разговорите и комуникацијата за да обезбеди долгорочна стабилност на нафтениот пазар, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи.
Во септември, Пекинг организираше аукција на нафта од стратешките резерви за да го ублажи растот на цените и да ги намали трошоците на компаниите за опоравување од кризата со короната.