Кина побара итен прекин на воените операции на САД и Израел во Иран и повика на почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата. Пекинг изрази „голема загриженост“ поради нападите што следеа по експлозиите што го потресоа Техеран, пишува агенцијата Анадолу.
Во соопштение на кинеското Министерство за надворешни работи беше нагласена потребата од гарантирање на безбедноста на Иран. „Кина повикува на итен прекин на воените операции со цел да се избегне понатамошно ескалирање на тензиите. Потребно е да се продолжи дијалогот и преговорите и да се вложат напори за зачувување на мирот и стабилноста на Блискиот Исток“, се вели во соопштението објавено на социјалната мрежа X.
Со години, Пекинг одржува рамнотежа меѓу стратешкото партнерство со Иран и сложените, често напнати односи со САД. Во 2021 година, Кина и Иран потпишаа сеопфатен 25-годишен договор за соработка што вклучува координација во енергетиката, инфраструктурата и безбедноста, а Кина денес е еден од најголемите купувачи на иранска нафта, и покрај санкциите на САД.
Паралелно со тоа, односите меѓу Пекинг и Вашингтон се оптоварени со трговски спорови, технолошки ограничувања и соперништва за влијание во Индо-Пацификот и Блискиот Исток. Во таков контекст, Кина се позиционира како застапник на мултилатерализмот и принципот на територијален интегритет на државите, настојувајќи да ја зачува стабилноста во регионот, која е значајна за нејзините енергетски интереси и иницијативата „Еден појас, еден пат“.
