На средбите ми беше потврдено дека Преспанскиот договор независно од ставовите кои некои од тие актери ги имале порано низ годините дека ќе го почитуваат, дека важи и дека сакаат целосна негова имплементација, рече претседателот на Македонија Стево Пендаровски во изјава за македонските медиуми во Атина, по средбите со грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.
Заедно со потврдата што ја добил од грчка страна, претседателот ја истакнал и нашата посветеност за целосна имплементација на Договорот и тоа „до последната точка и запирка“, а со претседателката на Грција, со оглед на тоа дека и двајцата се правници, и рекол дека можат да се усогласат „околу еден од правните принципи кој е позади имплементацијата на Преспанскиот договор, тоа е договорите мора да се чуваат, да се заштитуваат и да се имплементираат“, нешто што од Римското право е еден од главните принципи и знак дека државата е сериозна или лицето ако станува збор за индивидуален договор дека личноста е сериозна кога го потпишуваат тој документ.
-Ние сме апсолутно сериозни во тој дел. Имаме јасна политичка намера да го имплементираме сето она што е внатре напишано и во таа смисла замолив и од наша страна поголема ажурност во однос на неколку елементи, компоненти на Преспанскиот договор кој заради КОВИД-от пред се се најде во вид на стенд бај. Станува збор за двете комисии кои се направени во меѓувреме и постои еден Совет кој треба да прави евалуација на постигнатото. Првиот е меѓувладин совет кој правеше таква евалуација во 2019 година, од тогаш наваму немаме, рече претседателот и објасни дека Советот функционира на тој начин што двете Влади испраќаат свои највисоки политички претставници и проверуваат што е направено, што не е направено, зошто не е направено.
Во однос на комисиите за трговските ознаки и за образовните, историски и археолошки прашања, го повтори и она што го соопшти на почетокот на средбата со грчката претседателка дека дадени се одредени датуми тие комисии да почнат да се среќаваат повторно после една пауза од година и пол.
Објасни дека Комисијата за археолошки, историски и образовни прашања пред пандемијата имаше одржано шест средби и „она што е позитивно е дека четири записници од првите четири записници се веќе усвоени, усогласени и усвоени и потпишани од двете страни“, а другите два записника веројатно ќе бидат усогласени и потпишани до крајот на годината ако се случи онаа средба која е во најава.
На средбите станало збор и за имплементацијата на Договорот од Преспа од грчка страна, односно за промената на таблите во земјата, нешто за што, според Пендаровски, било разговарано и со амбасадорот на Грција во Скопје, а образложението е идентично, „велат дека се сменети таблите на самиот граничен премин, не се сменети оние коишто се во внатрешноста затоа што наводно според нивните закони било надлежност на општините“.
За трите меморандуми кои сѐ уште не се ратификувани во грчкиот Парламент, претседателот рече дека образложението што го добил од неговите соговорници во Атина е дека „внатрешната политичка динамика на Грција е специфична независно од КОВИД-от, туку и од некои внатрешни состојби и констелации и дека најмногу од тоа ќе зависи ратификацијата на тие договори“.
-Во тој дел тие замолија, и двајцата соговорници, пред сѐ премиерот кој треба да ги предложи до Парламентот и Парламентот треба да ги ратификува, да ги гласа, замоли за трпение. Вели немаме ниту една политичка причина да го рушиме Преспанскиот договор и во првиот погоден политички момент кога тоа ќе биде можно тоа ќе го поднесеме за ратификација. Значи, нема никаква намера да се опструира Договорот, ниту да се опструира билатералната соработка со Република Северна Македонија. Зависи најмногу, ја цитирам неговата фраза која ја употреби од внатрешната политичка динамика во Хеленската Република, објасни претседателот.
Очекуваме поддршка од Грција на Самитот во Словенија ЕУ- Западен Балкан
На средбата со грчкиот премиер, посебна тема на разговор, како што рече претседателот Пендаровски, бил Самитот во Словенија, со оглед на тоа дека по разговорите, Мицотакис веднаш заминал за Словенија каде што ќе учествува на средба на Европската народна партија и на Самитот ЕУ – Западен Балкан.
-Го замолив како влијателен член и на Европската народна партија, последниве години и како премиер на една земја членка која би морала да го знае целиот назив на Преспанскиот договор, тој не е само за решавање на разликите во името, туку и за воспоставување стратешко партнерство на Северна Македонија и Хеленската Република, дека во тој дел очекуваме негова поддршка и помош со оние претставници од земјите членки коишто се се уште скептични во прв ред со Бугарија, а се разбира и со другите кои евентуално би имале негативна забелешка за втората држава која неформално е третирана со нас во пакет, Република Албанија, објасни претседателот.
Рече дека не побарал некои гаранции или некакво ветување, бидејќи тоа не зависи од него.
-Но, добив јасна заложба и јасна изјава од негова страна дека тоа до сега го правел, а ќе го прави и понатаму и притоа тој спомна неколку имињана влијателни политичари на земји членки на ЕУ кои не се директно инволвирани во спорот се разбира, но можат да влијаат во позадина и да се обидат на тој сеевропски собир да објаснат кој е резонот, која е каузата зошто Западниот Балкан треба генерално да се приближува кон Брисел, а сега не се приближува, истакна претседателот.
Спорот со Софија треба да се реши билатерално
Во изјавата за македонските медиуми кои ја следат неговата официјална посета во Грција, говорејќи за ситуацијата со Бугарија, објасни дека спорот треба да се реши пред сѐ билатерално.
-Спорот помеѓу Скопје и Софија треба да се реши пред сѐ билатерално, а сите други треба да направат амбиент и да креираат атмосфера во која ќе стане јасно на целата ЕУ, на сите земји членки дека прашањето на интеграција не само на Северна Македонија во ЕУ туку и на целиот Западен Балкан во последниве години стана и геостратешко прашање и затоа има дополнителна тежина и во внатрешните политички концентрации во Брисел дека не треба да се чека, има екстра регионални играчи, како што ги нарекуваме, има ентитети кои се залагаат за поинакви политички модели и управување, не би смееле да дозволиме алтернатива на европскиот и евроатлантскиот цел на вредности, посочи претседателот.
Објасни дека постојат контакти на работно ниво меѓу двете министерства за надворешни работи, иако Бугарија има техничка влада и повторно е во кампања, а не ја исклучи можноста, иако не постои официјална потврда, на лице место, во Словенија да има средба на нашиот претставник и на бугарскиот претставник.
-Она што е значајно и дека ЕУ и словенечкото претседателство негуваат надеж и се обидуваат на секаков можен начин главните актери и тие во позадина што им помагаат што им олеснуваат и кои седат на маса да ја завршат целата работа до крајот на годината и најверојатно, ако воопшто се договориме со нашите пријатели во Софија тоа би било во периодот од 21 ноември кога завршува вториот круг на изборите во Бугарија и се до првите 10-15 дена од месец декември, објасни претседателот Пендаровски