Празникот на Христовото Раѓање, Божик, нѐ потсетува дека мирот и радоста, љубовта и заедништвото, разбирањето и дарувањето се наши најголеми вредности. Да продолжиме безрезервно да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните, градејќи хармонија во домот, заедницата и во целото општество, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во честитката по повод големиот христијански празник Христовото раѓање – Божик.
Божиќната честитка со која посакува празникот да го поминат во добро здравје, во радост и во среќа, шефот на државата ја упати до сите граѓани кои го прославуваат денот на Христовото раѓање, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, Емил Заев.
– Нека големиот празник ни даде дополнителна енергија да се соочиме со сите неволји и искушенија и нека нѐ инспирира на благородност, добродетелство, солидарност и заедништво. Со искрена верба и со длабока самодоверба да креираме успех и благосостојба, Христос се роди!, напиша Пендаровски во честитката.