За време на викендот, беа одржани традиционалните свадбарски обичаи и адети кои изобилуваат со автентични носии, изворни песни и ора, карактеристични за мијачкиот фолклор.
Честитајќи го склучувањето на бракот на годинашните младенци, Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник, како што соопштија од Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска им подарија „галичка пафта“ со мотив од галичка носија и им посакаа долговечен и хармоничен заеднички живот исполнет со многу љубов, здравје и среќа.
Манифестацијата „Галичка свадба“ со своето опстојување придонесува да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија изработена со филигрантска прецизност и точност на терзиите.
Oфицијалниот почеток на годинешната Галичка свадба беше означен вчера со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот, a свеченоста заврши денеска со испраќањето на тајфата Мајовци.