Претседателот Пендаровски направи обиколка на сите читалници во библиотеката и се запозна со состојбите во кои се наоѓаат, го посети новоизградениот дел на библиотеката, каде му беше презентиран Центарот за дигитализација, а ги разгледа и Специјалните збирки и Виртуелната библиотека на Македонија, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Пендаровски имаше средба со директорката Јелисавета Костадинова и дел од раководството на НУБ „Св. Климент Охридски“, на која беше информиран за работата и тековните активности на библиотеката, како и за предизвиците со кои се соочува оваа институција во моментов.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ја разгледа изложбата „Фондот на НУБ – доказ за сестраноста на Конески“, подготвена од тим во библиотеката, а посветена на јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески, како и изложбата „Портрети“, подготвена по повод патрониот празник Св. Климент Охридски.
Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје е една од првите институции во нашата држава, формирана со одлука на Антифаштичкото собрание на народното ослободување на Македонија, на 23. ноември 1944 година.