Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими претседателката на Владата на Република Финска, Сана Марин.
Во фокусот на разговорите, како што соопшти Кабинетот на претседателот, беа билатералните односи и соработката меѓу двете земји, перспективите на Северна Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, новонастанатите политички и економски текови во Европа, како и апликацијата на Финска за членство во НАТО.
На средбата Пендаровски ја поздравил тенденцијата за унапредување на политичките односи со Финска и се заблагодарил за нивната доследна и постојана поддршка на европските интеграции на Северна Македонија и политиката на проширување на ЕУ, како процес од стратешко значење за регионот.
Во таа насока биле разменети мислења околу претстојниот Совет на ЕУ и блокадата од Бугарија, при што претседателот посочил дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации на земјите-членки на Унијата.
– Во насока на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски ја поздрави апликацијата на Финска за влез во НАТО. Тој посочи дека Северна Македонија е силен поборник на политиката на отворени врати на НАТО и безусловно го поддржуваме членството на Финска во Алијансата, што ќе ја зајакне безбедноста не само во Северна Европа, туку и на НАТО во целина, се вели во соопштението.
На средбата се разговарало и за начините за проширување на билатералната соработка со Финска и справување со геополитичките предизвици наметнати од кризата во Украина.