Шефот на државата кажа дека вчера имал и долг телефонски разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кој ги изнеле своите ставови на оваа тема и порача дека доколку дојдеме во ситуација да одиме кон промена на Уставот, потребно е да се слушне и опозицијата што мисли
Претседателот Стево Пендаровски смета дека премиерот Димитар Ковачевски не треба да оди во Брисел на Самитот на ЕУ ако ситуацијата се одвива како и до сега односно сме во ситуација како што на пример било вчера кога бугарските претставници вчера на состанокот на Комитетот на постојани претставници во ЕУ (КОРЕПЕР).
-Јас го советувам да не оди. Мојот совет е ако вака се одвиваат работите, ако Бугарите само вчера доставија пет нови барања … Што ќе правиш во Брисел? Само да се сликаш?, рече Пендаровски вечерва во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Коментирајќи го тоа што премиерот се координира со албанскиот колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ за одењето во Брисел, Пендаровски рече и дека „не го бендисува“ тоа што ваква координација се прави во рамки на „Отворен Балкан“ бидејќи тоа е економска иницијатива.
Ние, вели шефот на државата, треба да донесе наша, автономна државна одлука дали да одиме или не.
Околу петте нови барања кои ги спомена Пендаровски дека Бугарија ги доставила вчера на КОРЕПЕР, тој наведе два примери. Едниот е тоа што бугарската страна барала од францускиот предлог да се избрише зборот „автоматизам“ во делот каде е наведено дека по внесувањето на Бугарите во Уставот по автоматизам ќе се почне со меѓувладината седница за отворање на преговорите. Другиот пример од бугарските барања, кои за претседателот е неприфатлив, е и тоа што во делот на јазикот Бугарија инсистирала дека не се доволни унилатерални изјави на двете страни и барала нејзиното толкување за македонскиот јазик да добие еднаква правна сила во преговарачката рамка.
Инаку, зборувајќи за францускиот предлог, шефот на државата рече дека тоа што се лиферувало во јавноста не е официјален француски предлог туку комбинација од француските и бугарските предлози.
Покрај за јазикот, за Пендаровски е неприфатливо и историските прашања да влезат во преговарачката рамка.
-Историјата не смее да биде предуслов за напредување. Нека си има комисија која работи ама не можеш да речеш ’три месеци нема прогрес за Илинденско востание и нема да напредувате“, рече Пендаровски.
Тој кажа дека вчера имал и долг телефонски разговор со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кој ги изнеле своите ставови на оваа тема и порача дека доколку дојдеме во ситуација да одиме кон промена на Уставот, потребно е да се слушне и опозицијата што мисли.