Решение за системската криза која сѐ уште тлее во регионот на Западен Балкан е да има поголемо европско присуство во регионот. Некогаш работите изгледаат како да сме заборавени од ЕУ и без напредок на земјите кон Унијата, истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на панелот на кој се дискутираше за решенија за надминување на кризите, одржан во рамки на 5. издание на Парискиот мировен форум, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Пендаровски рече дека е разбирливо што во изминатите месеци сите зборуваат за безбедносната состојба во Украина поради руската агресија таму, но дека темата за безбедност е доста позната за Западниот Балкан со оглед на неговата модерна историја.
Осврнувајќи се на регионот, тој посочи дека има споделени предизвици, дека демографските трендови не се поволни и притоа порача дека е потребно да се инвестира повеќе за младите луѓе, со цел да имаат повеќе можности за успех дома во своите земји.
Потребно е, нагласи Пендаровски, поголемо европско присуство постојано, а не само кога има кризни случувања.
Посочи дека Северна Македонија го отпочна процесот на пристапување кон Унијата и дека е во тек скрининг процесот којшто треба да трае до крајот на идната година, а потоа, нагласи, можеме да зборуваме за следните фази од процесот на пристапување кон ЕУ.
Во однос на Европската политичка заедница, претседателот Пендаровски го повтори неговиот став дека таа треба да биде инструмент што ќе ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ, а не само дебатен клуб или пак замена за членството во Унијата, затоа што веќе се соочуваме со трендови на зголемување на евроскептицизмот и над 20% пад на поддршката за пристапувањето кон ЕУ.
– Членството на Северна Македонија во ЕУ не е потребно само за зајакнување на економијата, унапредување на трговската размена и подобрување на животниот стандард, туку дека е потребна и политичка интеграција во институциите на ЕУ, како и демократски развој, зајакнување на институциите, владеење на правото и слободни медиуми, рече Пендаровски.
Одговарајќи на прашањето за можностите за евроинтеграција на Украина, претседателот истакна дека Северна Македонија дава поддршка за членство на Киев во ЕУ и дека тој својата поддршка ја покажа и со писмо упатено до претседателот Зеленски. Истакна дека и покрај состојбата во која се наоѓа Украина, добивањето на кандидатски статус е силна политичка порака од Унијата, стратешки поглед на ЕУ, солидарност и подготвеност да се демонстрира заедништвото на Унијата со украинскиот народ.
Претседателот Пендаровски, во рамки на учеството на форумот во Париз, имаше и повеќе средби со шефови на држави, учесници на форумот.