На средбата беше разговарано за севкупната соработка со организацијата, како и за подготовките за претседателството на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека нашата држава високо ја цени долгогодишната соработка и дијалог со ОБСЕ и посочи на значајниот придонес на мисијата на ОБСЕ во Скопје во поддршката на реформските процеси, а во функција на севкупниот напредок на државата и исполнување на нејзините европски аспирации.
Претседателот Пендаровски на средбата рече дека за Република Северна Македонија е важна екпертизата на ОБСЕ во однос на судските реформи, борбата против корупцијата, доброто владеење, како и изборните реформи во линија со препораките и европските стандарди.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за тековниот ангажман на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори 2021 година и изрази уверување дека наодите и заклучоците на мисијата ќе послужат за натамошно унапредување на изборниот процес.
На средбата претседателот Пендаровски и генералната секретарка Шмид разменија мислења во однос на подготовките за претседателството на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја истакна подготвеноста на Република Северна Македонија да даде активен придонес во промоцијата на вредностите и заложбите на ОБСЕ и изрази очекување дека претседателството ќе придонесе за видлива промоција на нашата држава како активен чинител на мултилатерален план.