„Не“, ова беше краткиот одговор на Пендаровски на новинарско прашање дали ќе трча по втор претседателски мандат.

По учеството на „Отворениот форум за антикорупција“ тој беше категоричен дека се откажува од трката за втор претседателски мандат.

Досега и неговото име циркулираше за претседателски кандидат, но по денешната изјава се отфрла. Коалицијата предводена од СДСМ и ДУИ беше поддржувачот на Стево Пендаровски претходните избори кога противкандидат му беше Гордана Силјановска Давкова.

Завчера, на лидерската средба во Собранието лидерите на политичкте партии се договорија парламентарните избори да бидат заедно со претседателските. Датумот на претседателските избори е на 8 мај.

Оттука се отвора прашањето: Кој ќе биде претседателски кандидат на СДСМ?

Откако актуелниот претседател Стево Пендаровски се откажа од трката, се шпекулира дека СДСМ за свои кандидати за претседател на идните избори ги има Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, и Миле Зечевиќ.

Засега најсериозен кандидат е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

За мене е многу важно да се утврди кандидат за претседател на држвата кој, пред се, ги споделува вредностите на мнозинството граѓани кои се за нашето членство во ЕУ, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА во Брисел во однос на можноста за заеднички претседателски кандидат на владината коалиција.

Тој додаде дека личните амбиции му се неважни.

– Врз основа на тоа да избереме навистина одличен кандидат, којшто би бил и одличен претседател на државата. Така што, знаете личните амбиции, личните комбинаторики во овој момент се неважни. Важно е каде ќе се движи државата и што ќе им понудиме како иднина на граѓаните, нагласи Спасовски.

Претходно, и Пендаровски даде изјава на оваа тема.

„Со сите овие кои ги споменавте имам одлична соработка, но ако ме прашате мене, според информациите кои ги имам, процесите за кандидат од СДСМ и натаму не е започнат. Јас бев поддржан од ДУИ и од 20-30 помали политички партии, затоа што немаа свој кандидат. Не можам да знам дали СДСМ и ДУИ сега ќе одат со одвоени кандидати“, изјави Пендаровски.

Сите анкети моментално покажуваат убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ, а партијата претходно истакна дека ќе го бира кандидатот. Вчеравечер, извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница, на која е одлучи да се формира изборен штаб кој ќе го предводи претседателот Христијан Мицкоски.