Ниту еден од најкрупните случаи на СЈО, осум години од неговото формирање до денес, не се завршени, а сега велат, ќе застарат бидејќи се намалуваат и роковите за застареност кои се врзани со најголемата запретена казна. Па, што правевте досега осум години, зошто не се осудени, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во емисијата „Трилинг“, нагласувајќи дека за „крахот на правосудниот систем“ се виновни оние кои „работат таму и кои не работат според закон“ и оние кои „се подложни на влијание од политички или економски центри на моќ“.
Една од најчестите критики од Брисел и од судот во Стразбур, според Пендаровски, е што земјата најчесто не суди во правичен рок.
– Да ја видиме реалноста во очи. СЈО е направено септември 2015 година, до денеска осум години. Последните три години сите предмети на тогашното СЈО се префлија во редовните обвинителства. Осум години ние имаме прилично беден рекорд, запис на крајот на сите тие предмети. Колкумина од нив се осудени, клучните работи кои ги споменуваме, провизии кои се барани, не се докажани. Осум години се малку, па колку, да ги оставиме уште 28 години да судат, посочува Пендаровски.