Шефот на државата Стево Пендаровски нема намера да коментира или пак да се извинува за изјавата дека „Бугарија треба да се извини за депортацијата на македонските Евреи.

„Сметаме дека од наша страна нема потреба за дополнителна изјава затоа што претседателот Пендаровски ги искажа јасно своите ставови во обраќањето вчера. Впрочем и гостите кои беа на комеморативниот настан за одбележување 80 години од холокаустот на македонските Евреи, меѓу кои и од Светскиот Еврејски Конгрес, Европскиот Еврејски Конгрес, Еврејската заедница во Република Македонија и „Симон Визентал“ центарот од Виена ги потврдија наводите изнесени во обраќањето на претседателот“, соопштија од Кабинетот на претседателот, а пренесе ВОА.

Изјавата на шефот на државата предизвика бура од реакции и коментари од бугарските националисти

Критики упатија бугарските националисти Ангел Џамбаски и Виктор Стојанов. Европратеникот Џамбаски, порача дека Пендаровски со барањето демонстрирал скандалозна антибугарска дрскост, а Бугарите се единствениот народ во Европа кој му се спротивставил на диктаторот, Адолф Хитлер. Го обвини шефот на државата дека ја блокирал неговата Фејсбук страница и го нарече најстрашлив човек кој зборува историски фалсификати.

Се огласи и Виктор Стојанов, претседател на бугарската фондација „Македонија“ кој пак, порача дека Пендаровски ќе одговара за својот неонацизам.