Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Џесика Росвал, министерка за европски прашања на Кралството Шведска, која престојува во посета на Република Северна Македонија.
На средбата беа разменети мислења за севкупната соработка меѓу двете држави кои негуваат пријателство и заемно разбирање, за европските аспирации на Северна Македонија, како и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија врз Украина, соопшти кабинетот на шефот на државата.
Претседателот Пендаровски изрази благодарност за доследната политичка и финансиска поддршка од Кралството Шведска за македонските евроинтеграции, истакнувајќи дека пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија се од клучно значење за забрзување на реформската агенда во земјава и позитивно ќе се одрази врз стабилноста и просперитетот на регионот. Претседателот Пендаровски изрази очекување за продолжување на поддршката и посветеноста на Шведска кон регионот и за време на актуелното шведско претседателство со Советот на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски ја реафирмира и поддршката од Северна Македонија за скорешно членство на Шведска во НАТО, што ќе придонесе за севкупната стабилност на европскиот континент, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.