Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Варшава во рамки на официјалната посета на Република Полска, оствари средба со слависти и македонисти кои живеат и работат во Полска.

На средбата, како што информираат од кабинетот на Пендаровски, тој бил информиран за нивните актуелни проекти и активности во насока на изучувањето, проучувањето и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура, научната размена, соработката со институциите во  Македонија и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.


Пендаровски, се вели во соопштението, го истакнал значењето на континуираниот систематски и научен придонес на македонистите и славистите кои живеат и работат во Полска, во негувањето и промовирањето на македонскиот јазик, литература и култура и порача дека нивниот ангажман дава многу значаен придонес во развојот и одржувањето на пријателството меѓу двете земји и образовните, културните и јазичните македонско-полски врски.