Коректна е одлуката на холандскиот амбасадор да го стави во мирување проектот планиран за реализација со Судскиот совет по сите случувања таму, смета претседателот Стево Пендаровски. Очекува неговата постапка да ја следат и другите амбасадори и не смета дека се проблем членовите што тој ги предложил.

„Мислам дека проблемот со судскиот совет е многу поголем отколку тие двајца кои по мој предлог ги избра Собранието. Јас тука бев предлагач. За жал целата постава на овој Судски совет прилично се избрука во очите на македонската јавност. Во таа насока мислам дека е сосема коректна изјавата на холандскиот амбасадор да повлечат проект кој имаа намера да го спроведуваат со членовите на Судскиот совет. Би сакал да видам не само од холандската амбасада туку и од неколку други амбасади во Скопје да ги повлечат своите проекти и парите кои ги даваат, не само на Судскиот совет туку и на невладини организации и медиуми кои очигледно сите овие години наназад работат со европски пари а против Европа“, рече претседателот Пендаровски.