Традиционалните пензионерски спортски игри се одржаа денеска во спортската сала „Партизан“, по повод 50-годишниот јубилеј на Општина Карпош. На настанот присуствуваа градоначалникот Сотир Лукровски и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов. Тие им посакаа успех на учесниците и го поздравија нивниот ентузијазам, спортски дух и желба за дружење.

„Гледајќи го овој спортски терен исполнет со позитивна енергија, насмевки и младешки дух, не можам, а да не кажам – вие сте вистинска инспирација за сите помлади генерации во нашата општина. Денес не е важна возраста, туку желбата за дружење, движење и зачувување на натпреварувачкиот дух. Сигурен сум дека ќе видиме одлични резултати, фер-плеј и многу спортска среќа во сите машки и женски дисциплини. Најдобрите тројца во секоја категорија ќе си заминат дома со заслужени пехари. Но, сакам да нагласам една работа – за мене како градоначалник, а верувам и за целата публика која е тука да ве бодри, сите вие денес сте победници“, истакна градоначалникот Лукровски.

На игрите учествуваа членови на пензионерските друштва „Карпош“ и „Тафталиџе“. Тие се натпреваруваа во шут на гол за мажи и жени, фрлање ѓуле за мажи и жени, трчање на 60 метри за жени и на 80 метри за мажи, како и во скок во далечина.

По натпреварите, на учесниците им беа доделени статуетки, а потоа следуваше пригоден свечен коктел. Од Општина Карпош посочуваат дека продолжуваат да ги поддржуваат активностите што поттикнуваат активен живот, дружење и квалитетно поминување на времето во третото доба.