Василево добива енергетски ефикасен Дом на култура

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со градоначалникот на Василево, Славе Андонов, изврши увид во реализацијата на инфраструктурниот проект „Creative DG EcoTour“, кој се спроведува во рамки на Програмата INTERREG VI-A IPA со Бугарија 2021–2027.

Проектот предвидува реконструкција и опремување на Домот на културата во село Градошорци, со цел постигнување висока енергетска ефикасност и примена на обновливи извори на енергија, како дел од пошироките напори за одржлив и нискојаглероден локален развој.

„Благодарение на долгогодишната и успешна соработка со Министерството за локална самоуправа и со нашата партнерска општина Кресна, обновуваме руиниран објект што ќе прерасне во гордост на регионот, а во негови рамки ќе биде изградена и спомен-соба посветена на Мис Стон, што значително ќе придонесе за збогатување на туристичката понуда на општината и целиот прекуграничен регион“ во своето обраќање наведе градоначалникот Андонов.

Преку проектот, Министерството за локална самоуправа обезбедува национално кофинансирање во висина од 15% од вредноста на проектот, додека вкупниот буџет за Општина Василево за овој проект изнесува 302.357 евра.

„Ниту една општина не смее да остане на маргините на развојот. Токму тука во Василево има потенцијал. Како Влада, од самиот почеток на мандатот преземавме обврска да обезбедиме поддршка, знаење и финансиски механизми за тие потенцијали да станат реални проекти и реални резултати и тоа веќе се гледа на терен“, истакна министерот Перински.

Преку двата јавни повика за инфраструктурни проекти во општините, за Општина Василево кумулативно беа одобрени 6 проекти во вредност од 115.680.175 денари.

Во рамки на посетата, министерот оствари и работна средба со членовите на Советот на Општина Василево и општинската администрација, со цел директна координација за понатамошниот развој на општината.

„Преку овие директни средби го унапредивме нивото на непосредна комуникација и политиките ги креираме согласно реалните потреби од терен, а не од канцеларија“, наведе Перински.