Перински порача дека инфраструктурни проекти во Гевгелија решаваат децениски проблеми и носат долгорочни придобивки
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска од Гевгелија изјави дека инфраструктурните проекти во Гевгелија се доказ дека оваа Влада има нов, решителен пристап, поразличен од сите досегашни.
На увидот на градежните активности учествуваа и премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот Андон Сарамандов и министерот за транспорт, Александар Николовски.
Перински истакна дека се работи за три клучни инфраструктурни зафати. Изградба на западниот дел од Булевар „Свети Климент Охридски“, кружна крстосница на влезот во Гевгелија и мост над каналот Рауљ.
Дополнително, беше презентиран и проектот за реконструкција на дел од Булевар Гевгелија. Како и изградбата на надпатник на улицата Железничка и железничката пруга.
„Овие инфраструктурни проекти се од исклучителна важност за општината. Со нив се решаваат реални и децениски наталожени предизвици на граѓаните, за кои долго време никој немал храброст ниту волја да ги реши“, изјави министерот.
Тој нагласи дека токму инфраструктурни проекти во Гевгелија се тоа што ја разликува оваа Влада од претходните.
„Ова е она што ја издвојува оваа Влада од сите претходни. Благодарение на заложбите и посветеноста на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, покажавме дека сме вистински и сериозен партнер на сите општини“, додаде Перински.
Министерот посочи дека успехот на проектите најмногу зависи од ангажманот на првиот човек на општината.
„Градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, со визија, посветеност и проактивен пристап ги води процесите и обезбедува проекти што оставаат видлива и долготрајна корист за општината“, изјави Перински.