Одбележан јубилејот со пораки за развој и соработка

Три децении постоење на Општина Новаци беа одбележани со свечена академија, на која присуствуваше министерот за локална самоуправа Златко Перински.

На настанот, организиран по повод 30-годишнината, беше истакната улогата на локалната власт во градењето на иднината на општината и подобрувањето на условите за живот.

Во своето обраќање, министерот упати честитки и ја нагласи важноста на посветеноста на локалното раководство.

„Со својата работа, посветеност и визија, градоначалникот, Советот и општинската администрација ја создаваат иднината на општината и поставуваат темели за генерациите што доаѓаат“.

Средба за тековните предизвици и проекти

Во рамки на посетата, Перински оствари работна средба со градоначалникот, Советот и општинската администрација. Се разговараше за тековните активности, но и за предизвиците со кои се соочува општината.

Беше посочено дека заедничката соработка и координацијата се клучни за нивно надминување.

Посебен акцент беше ставен на значењето на меѓуопштинската соработка, при што беше нагласено дека споделувањето ресурси и заедничкото планирање се важни алатки, особено за помалите општини.

Финансиска поддршка и инвестиции

Преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, во Општина Новаци се финансираат три проекти во вредност од 8.414.556 денари.

Дополнително, преку Инрегег ИПА Програмата со Република Грција се реализира проектот TOUR-HUB – Дигитално унапредување на културното наследство и туризмот, вреден 342.542 евра.

Владата, преку два јавни повика, одобри и финансирање на два инфраструктурни проекти во вредност од 29.119.020 денари.

Од Министерството за локална самоуправа посочуваат дека поддршката за општините ќе продолжи и во наредниот период, со цел подобрување на квалитетот на живот и намалување на регионалните разлики.