Перински: Обезбедени над 223 милиони денари за развој на општините, аплицирајте со квалитетни проекти
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес ја посети Општина Куманово, при што оствари работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски и членовите на Советот.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од значење за граѓаните и за понатамошниот развој на општината, со посебен акцент на конкретни решенија, подобра координација и поефикасно искористување на расположливите механизми за поддршка.
Министерот Перински ги информираше присутните и за динамиката на активностите на Министерството во наредниот период, при што беше нагласен јасниот фокус на институцијата – зајакнување на локалните капацитети, поддршка на развојни проекти, создавање на услови за поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните.
Во рамки на посетата беше посочено дека од минатата недела се активни двата јавни повика на министерството, наменети за проекти што придонесуваат кон рамномерниот регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена се издвоени вкупно 223.423.000 денари.
„Ги охрабрувам сите општини активно да ги искористат овие повици и да аплицираат со квалитетни предлог-проекти“, порача Перински.
При посета на општината се изврши и увид во проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, кој се реализира во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) со Бугарија, во рамки на Приоритет 1: Позелен пограничен регион.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура.
„ Да ги зголемиме зелените површини во градов, со цел почиста животна средина, со акцент на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со примена на една од долгорочните мерки за намалување на загадувањето, а тоа е оззеленување и пошумување со квалитетни садници.“, нагласи градоначалникот Димитриевски.
Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа. Проектот опфаќа засадување на 510 дрвја и уредување на мали урбани градини на три кружни текови како и активности насочени кон подготовка на стратешки и „меки“ мерки за развој на зелената инфраструктура и зајакнување на капацитетите на партнерите.
„Министерството за локална самоуправа и натаму останува посветено на поддршка на општините преку развојни, еколошки и инфраструктурни проекти што носат видливи придобивки за граѓаните“, нагласи министерот.
