Изјава од директорот на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Златко Перински, кој утрово беше разрешен од позицијата со одлука на Град Скопје

„Прво благодарност до соработниците, и до тимот кој соработуваше изминатата година дена во десетици проекти со кој Водовод и канализација – Скопје забележа значителни резултати.

1. Зголемена наплата
Наплата во периодот од 01.01.2022 година до 01.08.2022 година изнесува 633.986.502,00 денари, споредбено со истиот период од 2021 година кога таа изнесувала 590.622.973,00 денари има зголемување од 43.363.529,00 денари или зголемување од 7,34 %.
2. Зголемено изведување на мрежи во сопствена режија
Вредноста на изградените мрежи во периодот од 01.01.2022 година до 31.08.2022 година изнесува 16.694.763,00 денари, и споредбено со истиот период од претходната 2021 година кога тие изнесувале само 6.005.259,00 денари има зголемување од 10.689.504,00 денари или зголемување од 178 %.
3. Зголемени приходи
Вредноста на приходите во периодот од 01.01.2022 година до 31.08.2022 година изнесуваат 1.104.145.166,00 денари, и споредбено со истиот период од претходната 2021 година кога тие изнесувале 1.039.155.831,00 денари има зголемување од 64.989.335,00 денари или зголемување од 6,25 %.
4. Намалување на вредноста на јавните набавки
Во финансискиот дел се извршени ревидирања на вредноста на јавните набавки пред нивно објавување во согласност со реалните потрби на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Станува збор за досега реализираните јавни набавки, врз основа на Планот за јавни набавки, кои пред ревидирањето изнесуваа 877.384.050,00, а сега истите тие се во вредност од 760.679.400 денари, што претставува намалување за 116.704.650 денари, или намалување од 13 %.

Ова е резултат на тимска работа, многу поминати часови на работното место, и на имањето на концепт за развој и визија за тоа како Водовод мора да се развива.
Некаде околу 10 часот денес добив известување од градот дека сум разрешен од позицијата прв човек на Водовод со образложение дека наводно сум влијаел на процесот при одлучување за изградба на Пречистителната станица.

Имено на крајот на јули добив допис од градоначалничката Арсовска која бара од мене промена на членовите на евалуационата комисија за изградба на пречистителната станица. Немаше никакво образложение за ваквата постапка, а причините поради кои ова го бара треба самата Арсовска да ги објасни.
Јас за ова ја известив Европската Инвестициска Банка која е банка лидер и која е кредитор на самиот проект тежок 160 милиони евра за ваквиот чекор и побарав мислење за ваквото барање.
Европската Инвестициска Банка одговори за ваквото барање на Арсовска негативно. Значи она што го бараше градоначалничката не е одобрено од банката лидер.

Јас не можам да си дозволам незаконито работење по ниту една цена и било кога. Ниту пак ќе подлегнам на притисоците. Затоа она што јас го следам е единствено законот и мислењето на релевантните институции.
Го известив Градот и ја известив градоначалничката за одлуката на ЕИБ.

Ваквата одлука на Арсовска за мое разрешување доаѓа на денот кога комисијата треба да ги отвори понудите. Почитувањето на законот никогаш не е самоволие како што тоа го пишува Арсовска во соопштението на Градот. Туку единствена обврска. И да не ме разрешеше, јас бев подготвен да си заминам доколку цената е да го прекршам законот, како што таа бараше од мене со разрешување на членовите од комисијата.

Што се однесува до самиот проект за пречистителна станица тоа е проект на Владата на Р. Македонија, Водовод и со кредити од Европската Инвестициска Банка и Европската Банка за обнова и развој.
Сите постапки кои се превземени се одобрени и потврдени како беспрекорни од банките кои вршат надзор на истите.
Со индигнација ги одбивам сите пишувања, сите обвинувања против мене. Барам од медиумите да бараат одговор зошто градоначалничката бара разрешување на членовите на комисијата… Јас стојам на располагање на сите институции и ги повикувам да го испитаат овој случај се до конечно расветлување на вистината. Затоа што постои можност градот да остане без капитален проект кој е од исклучителна важност за скопјани.
Од Водовод си заминувам со чист образ, со многу желба овој процес да успее. Благодарност и до банките кои се партнер во изградбата на пречистителната станица.