18 корисници ќе добијат средства за културен и одржлив туризам

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ги потпиша договорите за кофинансирање на седум проекти кои се насочени кон развој на културен и одржлив туризам во прекуграничниот регион. Вкупно 18 корисници – општини и организации од граѓанскиот сектор од Македонија – ќе ги реализираат овие иницијативи.

Проектите се дел од Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија и произлегуваат од отворениот повик за инвестициски иницијативи по Приоритет 3: „Интегриран развој на прекуграничниот регион“.

Вкупната вредност на јавниот повик изнесува 500.971.694 денари. Од нив, за македонските корисници се обезбедени 137.887.557 денари преку кофинансирање од ЕУ, како и национално кофинансирање во износ од 26.349.547 денари.

„Преку оваа Програма ги развиваме Источниот, Југоисточниот и Североисточниот плански регион,“ нагласи Перински.