Министерот Златко Перински на Саем-Отчет истакна дека владата ги поддржува општините со финансии за проекти според потребите на граѓаните, со стотици веќе реализирани
На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“ зборуваше министерот за локална самоуправа Златко Перински. Тој нагласи дека владата ги поддржува општините со финансиски средства. Но и насоки за реализација на проекти кои ги следат потребите на граѓаните.
Перински истакна дека целта на владата е да ги мотивира градоначалниците и општинските администрации да креираат одржливи и корисни проекти.
„Оваа Влада даваше средства на сите локални самоуправи на база на проекти коишто ги добивме како инпут од самите локални самоуправи, сакавме да ги мотивираме градоначалниците, да ја мотивираме општинската администрација да креира проекти коишто ќе бидат издржани согласно потребите на граѓаните и врз основа на тоа да испорачаме средства од централниот буџет за истите да се реализираат“, изјави министерот.
Тој нагласи дека во првиот јавен повик биле прифатени 288 проекти. Од кои 137 се веќе завршени. Додека од двата јавни повика се изградени или реконструирани училишта, патна инфраструктура, градинки и спортски објекти.
„Во првиот јавен повик имаме 288 проекти којшто се влезени во рамка на финансирање, во вториот јавен повик веќе се склучени договори за 828 проекти коишто се ефектуираат на терен. Од првиот јавен повик од оние 288 проекти, 137 се завршени. Ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот. Од првиот и од вториот јавен повик се изградија и реконструираа 55 училишта за само една година, имаме преку 702 проекти коишто се насочени кон подобрување или изградба на нова патна инфраструктура, имаме градинки, 9 градинки се реконструирани или се изградени, 36 спортски објекти. Кога ќе видете дека од 288, 137 проекти се веќе завршени, не може да не очекувате или не може да не бидете мотивиран да продолжите понатаму“, нагласи Перински.