„Во Буџетите за минатите години не се предвидуваа поголеми инвестиции за дигитализација и дигиталната трансформација на Република Македонија. За тоа што овие беа ветувања токму во програмата на СДСМ. Односно во програмата на Владата за периодот 2020-2024 е предвидено формирање на дигитална агенција со посебен закон кој ќе ги дигитализира државните институции. Тоа беше предвидено во изборната програма на СДСМ, но ветувањето не е реализирано. Понатаму, требаше да има средства за модернизирање на ИТ системот на Фондот за здравство, кој што на сите ни е познато дека во моментот е хакиран, поради неспособна власт, но и не се даваа средства за дигитализација и доусовршување, доунапредување за подобри здравствени услуги“, истакна Жаклина Пешевска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на собраниската седница.
Пешевска ја потсети власта дека имаа кампањи за членство во ЕУ и бесплатни здравствени услуги низ цела Европа. Но, македонските граѓаните со оваа власт немаат основни здравствени услуги во Македонија, а не пак во Европа.
„Наместо фрлените над 100.000 евра за т.н. фамозна стратегија за Е-здравство, кое патем никаде го нема. Средствата се лесно проверливи преку отворените податоци на Министерството за финансии, кои средства се исплаќаа на име на договори на дела помеѓу партиски послушници на СДСМ и ДУИ. Од толку големи планови во здравството стигнавме до колабрирано здравство, во кое не можат вработените да земат плата“, нагласи пратеничката.
Таа посочи дека нема плати за здравствените работници, нема исплата на породилно отсуство, нема лекови, нема систем за заштита на граѓаните.