Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ дава безрезервна поддршка на протестот пред министерството за внатрешни работи организиран од страна на женските организации, а кои со право реагираат на НЕ постапувањето на полициските службеници во случаи на сексуално насилство и вознемирување, како што е последниот случај со дивиот таксист и младата студентка. Насилникот пред очи им избега, а го гонат за недолично однесување!? Во државата закони имаме, но никој не ги почитува!, вели претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.

-Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ изразува огромна загриженост за овој случај и за сите останати случаи кои се заглавени низ ходниците на институциите, а жртвите се оставени сами на себе, небезбедни и малтретирани, не само од насилниците, туку и од полицијата.

Јавноста знае дека жртвите чекаат со месеци за да социјалните служби предложат привремени мерки на заштита! Какво е ова изживување врз жените?

Во оваа држава нема кој да ги заштити, па затоа се немоќни и обесхрабрени да пријават насилство!

Очигледно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска не ја разбираат одговорноста која ја имаат, па затоа веднаш да си поднесат оставки заради не професионалноста, не етичкото и неажурното постапување на институциите со кои раководат!

Исто така, ги повикуваме инспекциските служби на Град Скопје да се фатат за работа затоа што им цути бизнисот со дивите таксисти низ главниот град!

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ застанува до секоја жена и нема да дозволи ваков игнорантски однос на власта на штета на жените, додава Пешевска.