Легендарниот пејач Халид Бешлиќ почина денес на 72-годишна возраст по кратко, но тешко боледување. Изведувачот на безвременските балади „Мало је мало дана“, „Миљацка“, „Таман је“, „У мени је јесен“ и „Изнад Тешња“ зад себе остави огромно музичко наследство што засекогаш ќе остане во историјата на балканската естрада.

Еден од неговите најголеми хитови, „Ја без тебе не могу да живим“, објавен во 2016 година како дел од музиката за серијата „Убијците на мојот татко“, имал неочекувана приказна – песната првично ја одбиле дури 15 пејачи, пишува Сензација.ба.

Авторот на композицијата, Мирко Шенковски Џеронимо, открил дека песната со години стоела неиспеана бидејќи многумина не го препознале нејзиниот потенцијал.

„Тоа е песна во која и јас престанав да верувам. Не би зборувал за имиња сега за да не доведам некого во незгодна ситуација. Имаше и неколку пејачи од Хрватска на кои им ја понудив, но тие не реагираа. Таа песна стоеше долго време сè додека еден ден Халид не ме повика и не ме праша дали имам нешто ново. Рече дека се снима серија и дека бараат нешто во стилот на Тома Здравковиќ“, раскажа Џеронимо.

Песната подоцна стана еден од најпрепознатливите хитови на Бешлиќ, кој во текот на својата петдецениска кариера објави над 20 албуми и речиси 200 песни.

Според информациите на медиумите од Сараево, кон крајот на август пејачот бил хоспитализиран во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде подолг период бил под постојан надзор на лекарите. Бешлиќ се лекувал од рак и бил префрлен на Одделот за онкологија поради проблеми со црниот дроб. И покрај сите напори на медицинскиот тим, болеста, за жал, се покажа посилна.

Со неговото заминување, Балканот остана без една од најпрепознатливите музички легенди, човек чиј глас ги обединуваше генерациите и ги претвораше емоциите во вечни песни.