Во моментов, само во пет македонски градови немаат евидентирано ниту еден активен случај на заразено лице со коронавирусот. На таа листа се наоѓаат Кратово, Дојран, Богданци, Крушево и Демир Хисар.

Дојран е еден од градовите кои најдолго време не забележале нов случај на ковид-19.

Градовите во источниот дел од земјата, кои во претходниот бран „најлесно“ поминаа со мал број на случаи, повторно имаат барем по еден. Во Пехчево има 10 лица заразени со коронавирусот, Берово 26, Виница 15, Македонска Каменица 1, а Делчево 6.

Најмногу активни случаи има во Скопје 1468, Тетово 976, Гостивар 558, Куманово 263, Кичево 227 и Струмица 159– градови кои бележат голем пораст на новозаразени во секој „налет“ на нови бранови на пандемијата.

Во период 06.08 до 12.08.2021 на територија на државата 3.497 граѓани се позитивни од тестирани, од кои 450 биле целосно вакцинирани, односно само 12,8 отсто. Голем процент, дури 87,1 отсто или 3.047 граѓани од позитивните на Ковид 19 не биле вакцинирани.