Во инцидентот две лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени. Петмина од нив се во сериозна здравствена состојба. Експлозијата одекна при горење отпад во најголемиот ваков центар во земјата, во хемиската компанија Курента, недалеку од Леверкузен.
По експлозијата,противпожарната единица по три часа борба со стихијата успеа да ја спречи опасноста од втора експлозија, изјави за ДПА државен службеник.
-Резервоарот содржел 100.000 литри многу запалив, токсичен отпаден материјал, изјави министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Херберт Реул, додавајќи дека во „Хемпаркот“ се распоредени 300 пожарникари.
Пожарот е локализиран, но се уште постои опасност од експлозија на втор резервоар.
Според раководството на компанијата Курента, експлозијата се случила вчера претпладне во складиштето за специјален хемиски отпад, каде се собираат и од каде се депонираат отпадни материјали од производството на три фирми. Се запалиле три цистерни со средства за растворање. На противпожарните екипи од фабричките комплекси и пристигнатите пожарникари од Келн и околината им биле потребни повеќе часови за гаснење на огнот. Причината за пожарот засега не е позната, зашто не постоеле услови за почеток на истрагата, која ја презеде Службата за криминалистика во полицијата од Келн, пренесува Дојче веле.
Во 2019 година концернот Бајер и Ланксес му го продадоа својот удел во Курента на инфрастртуктурен и инвестициски фонд на австралиската банка Мекквори. Компанијата управува со таканаречените хемиски паркови во германските градови Леверкузен, Дормаген и Крефелд.