Португалските власти денеска соопштија дека регистрирале пет случаи на ретка инфекција со мајмунски сипаници.

Сите пет пациенти со потврдена болест (од 20 сомнителни случаи) се мажи и сите живеат во регионот на Лисабон и долината Тејо и се во стабилна здравствена состојба, соопштија португалските здравствени власти.

И шпанските здравствени служби тестираат осум потенцијални случаи, но кај ниту еден од нив не се потврдени мајмунски сипаници, соопшти денеска Министерството за здравство на Шпанија.

Двете земји испратија предупредувања до здравствените работници да помогнат во идентификувањето на нови случаи.

Европските здравствени власти ја следат секоја појава на болеста откако Велика Британија го пријави првиот случај на мајмунски сипаници на 7 мај годинава.

Мајмунските сипаници се ретка вирусна инфекција слична на човечките сипаници, иако поблага, а првпат беше пријавена во Демократска Република Конго во 1970-тите.