Военото крило на Хамас од 2002 година се смета за нелегално во Велика Британија, но тоа не се однесуваше на целата организација која има и политичко крило.

-Хамас има значајни терористички способности, вклучувајќи пристап до обемно и софистицирано оружје и објекти за обука на терористите, напиша британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател, на својот Твитер профил.

Шефицата на британската дипломатија, Лиз Трас, исто така, на Твитер наведе дека Хамас ќе биде прогласена за терористичка организација, оценувајќи дека овој потег ќе помогне во спротивставувањето на засолувањето на антисемитизмот.

Врз основа на одлуката за забрана на Хамас, која допрва треба да ја одобри британскиот Парламент, членството во Хамас во Велика Британија ќе се смета за нелегално, како и изразувањето поддршка за оваа организација, а максималната казна за непочитување на забраната ќе биде 14 години затвор.

Владата во Лондон изрази надеж дека забраната ќе биде одобрена во рок од една недела и дека ќе стапи на сила на 26 ноември.

Палестинската организација Хамас, која во својата повелба повикува на уништување на еврејската држава, владее со Појасот Газа од 2007 година, кога насилно ја презеде власта од силите лојални на поумерената фракција Фатах на претседателот Махмуд Абас, една година по победата на парламентарните избори.

Израел, САД и ЕУ веќе ја сметаат Хамас за терористичка организација.