Вчера на Собраниската комисија за Економски прашања, повторно и повторно се потврди фактот дека сите промени кои Владата ги најавува како бомбастични, се всушност минорни и прекрасно звучат – само на хартија! Имено, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи 6 суштински амандмани на Законот за установите и истите, како што е пракса, беа одбиени. Најавите за грижа за народните пари, грижа за буџетот на Република Македонија, паднаа во вода. Имајќи го предвид фактот дека сме среде четири официјално прогласени кризи, имајќи го предвид фактот дека секој буџетски денар ни е значаен, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложи максималниот број на членовите на управните и надзорните одбори во установите да биде намален, наспроти предлогот на Владата овој број да биде до 15 членови, изјави денеска за медиумите, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петкоска.
Таа посочи дека е одбиен и предлогот од опозицијата за член на управен или надзорен одбор на установата да не може да биде лице кое било член во орган на управување или носител на раководна функција кога установа од јавен интерес престанала со стечај.
– Со одбивањето на овој предлог, Владата, замислете, дава можност лице кое управувало со една установа која завршила со стечај, да биде назначено во друга установа, иако според нас, таквото лице неповратно го изгубило својот кредибилитет за да управува со установа. За крај, одбиен е и предлогот на опозицијата мандатот на член на управен и надзорен одбор да престане ако установата има негативно мислење од извршена ревизија на метеријално-финансиското работење или ревизија во врска со работењето на установата или јавната установа. Со овој предлог нашата интенција беше конечно да започнат да се ценат и почитуваат ревизиските извештаи и конечно да се постапува по нивните препораки, појасни пратеничката.
Петкоска додаде дека сè додека оваа власт која не се грижи за ефикасно трошење на секој буџетски денар и кој всушност е денар од граѓаните, оваа држава ќе тоне.
– Некомпетентни луѓе ќе седат на раководни места, а јавните услуги, ако и воопшто стигнат до граѓаните, ќе бидат онакви каква што е и перцепцијата и довербата на граѓаните во институциите. Оценка – нула, децидена е пратеничката.