– По правило на Европските совети учествува премиерот на Бугарија, а по исклучок на нив присуствува претседателот кога во земјата има техничка влада. Досега се планираше Румен Радев да ја претставува Бугарија на последниот Совет за оваа година. Во Бугарија дури се шпекулираше дека инаугурацијата на новата влада ќе биде одложена за да може шефот на државата да го одбрани бугарското вето во Брисел за почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ, наведува изданието.
Но, според „24 часа“, лидерот на „Промената продолжува“ и кандидат за нов бугарски премиер Кирил Петков сака тој да оди на заседанието на Советот и да преговара со другите европски лидери.
– Тој би дебитирал во Европскиот совет со новиот германски канцелар Олаф Шолц, кој минатата недела беше избран од Бундестагот. Ставот на Бугарија за Северна Македонија останува непроменет, објави во саботата Петков на претставувањето на предлогот за неговата влада. Сепак, таа позиција треба да се надгради за да биде од корист за двете земји, додаде кандидатот за нов премиер, потсетува изданието.
„24 часа“ наведува дека во Брисел Петков ќе мора да ја брани бугарската рамковна позиција за Македонија одобрена од техничката влада, потсетувајќи дека минатата недела таа зазеде став дека Бугарија одобрува почеток на пристапните преговори на Албанија со ЕУ, но не и за Македонија.