„Денес имаме точка на Дневен ред – разрешување на дел од министрите на Владата на Република Македонија, поконкретно разрешување на министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити. Веќе јасно им е на сите во оваа држава дека реконструкциите се прават само за лични интереси. Така и оваа смена на министерот за информатичко општество и администрација нема да донесе ништо ново и различно како и во претходниот период“, истакна Ангелинка Петкова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.
Петкова додаде дека резултат од работењето на министерството за информатичко општество и администрација е хакиран систем и пренатрупана администрација.
„Од досегашното владеење на оваа Влада имаме перцепција дека е свртена во насока на разнебитување и на уништување на се што е системско во институциите на темелите на државата. Денес после една година се прават нови комбинаторики, нова втора реконструкција, се разрешуваат министрите од Алтернатива со можност за следната неполна година да влезе друг министер сега од некоја друга партија. За период од 10 месеци ниту еден министер не може да смени и да направи ништо ново. Како што не се направи и во изминатата една година со првата реконструкција на Владата“, заклучи пратеничката.
Таа посочи дека ќе остане трајно забележано дека Владата на СДСМ и ДУИ за овие шест години владеење во државата го сведоа квалитетот на живеење на граѓаните на минимум. Владата ќе остане трајно забележана по кризните состојби, а најмногу по последната енергетската криза која го докусури и така осиромашениот народ на Република Македонија.
„Оваа Влада нема ниту тронка срам за досегашното катастрофално владеење во сите области во државата. Па, нуди демек реконструктуирана Влада за да го доуништи она што е малку останато“, нагласи Петкова.