Комисијата за заразни болести денеска одржа редовен состанок и дискутиравме неколку точки и донесовме неколку заклучоци. Се забележува намалување на бројот на новооткриени случаи со КОВИД-19, што значи подобрување на епидемиолошката состојба, но, тоа не ни дава за право да кажеме дека е добра епидемиолошката состојба, а за тоа особено не потсетува возрасна група од 6 до 14 години каде што забележуваме зголемување на бројот на нови случаи и тоа се школските деца кои се на настава во најголем број со физичко присуство. Значи, тука во моментот се уште нема простор за загриженост, рече денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Препораката е, посочи тој, граѓаните да примат трета доза вакцина, бидејќи тоа е најдобриот начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт.

– Се следи состојбата и ние апелираме како Комисија да се следат дословно протоколите актуелни за одржување на настава со физичко присуство и исто така апелираме и до учениците и до родителите да го прифаќаат тестирањето, да бидат пореспонсивни кон тестирањето и со таа цел, таа намера отвораме неколку дополнителни пунктови за тестирање. На пример, во Скопје од денеска пунктовите во Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар се активни за закажување на термини и во нив може да се закажуваат тестирањата за Ковид преку матичен лекар. Дополнително планираме отворање пунктови во центрите за јавно здравје со цел тој период кој го воочивме како предолг за закажување на тестирање да го скратиме, истакна Петличковски.

Потенцира дека ја анализирале смртноста од КОВИД-19 во државава и појасни дека сите анализи јасно упатуваат кон фактот дека најголем број од починатите од КОВИД-19 се невакцинирани или нецелосно вакцинирани или се вакцинирани со две дози пред повеќе од шест месеци. Оттука, нагласи, логично повторно произлегува силен апел за сите граѓани да се вакцинираат и да примат трета доза, бидејќи вакцинирани со трета доза без коморбидитети практично нема во починатите, а и во хоспитализирани се многу малку.

– Третата доза исклучително ефикасно штити од хоспитализација и смрт и тоа се најпроверливите и најважните факти научни кои мора на секој од нас да му се јасни. Гледаме деновиве разно разни дебати нестручни, шарлатански кои ги ставаат во прашање овие податоци. Овие се податоците кои се проверливи и кои се апсолутно најсилни. Вакцинацијата со трета доза во моментов е најдобрата заштита од тежок тек на болест и од смрт и тоа е препораката на нашата Комисија – силна препорака за сите граѓани, во некои возрасни групи, особено над 70 години таа е подобро прифатена, во солиден процент примиле трета доза, но помладите, на пример, се многу полабави по ова прашање и апелираме и на нив да размислат третата доза, рече Петличковски.

Во овој контекст, појасни, имавме дискусии околу наставата на факултетите каде таа не се одвива со физичко присуство, онлајн се одвива, и предлагаме наставата во сите факултети да се насочува кон физичко присуство и повторно да биде поткрепена со вакцинирање кај студентите, кај наставниот кадар се подразбира со цел да имаме најмалку проблеми во времето што доаѓа.

Во врска со серолошкиот скрининг кој почна во Скопје, тој рече дека е планиран на повеќе локации кои не ги откриваат со цел да не доаѓаат луѓе наменски да се тестираат, туку напротив да имаат убав преглед за состојбата на терен од случајни минувачи.

– Значи, сакаме да тестираме случајни минувачи, не луѓе кои имаат потреба од тестирање. Вчерашниот ден собравме околу 200 примероци, почнуваат да се анализираат и за брзо време ќе ги имаме податоците. Планот е за Скопје да собереме околу 1000 испитаници, веројатно на пет различни локации. Како ги собираме очекувам во почетокот на следната недела да имаме првични податоци за серопреваленцата во Скопје. Паралелно со тестирањето во Скопје тестираме и низ државата со тоа што тука ни помагаат трансфузиолошките заводи кои имаат голем број здрави дарители кои не планираат да се тестираат заради болест, заради некаков симптом. Ќе ги искористиме тие примероци и исто така планираме помош и од центрите за јавно здравје, но скринингот во Македонија ќе касни ден-два затоа што имаме малку организациски одложувања, додаде Петличковски.