Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Христо Петрески во писмено обрќање до јавноста тврди дека е под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме писмото на Петрески:
Почитувана македонска јавност и почитувани членови на Друштвото на писателите на Македонија,
Подолг период Друштвото на писателите на Македонија како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење.
За жал, повеќето членови на ДПМ не знаат со што се соочува Друштвото во овие тешки моменти за Македонија и жалам што се доведени во заблуда од поединци.
Изјавувам дека како Претседател на ДПМ бев и сум под притисок за прашања кои задираат во националниот идентитет и прашањата за македонскиот јазик.
Писателите се вистинскиот браник на македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура и затоа апелирам и ве молам на најубав начин да ги сочуваме заедно – во одбрана на ДПМ кое има 76 години традиција, или како што би рекол безвремениот Блаже Конески: ,,Јазикот е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште, пишува Петрески во писмото до македонската јавност.