Македонската ракометна репрезентација загуби од Норвешка со 39-27 во првиот меч на Светското првенство во Полска и Шведска.

Фаворитот за медал беше доминантен и сосема заслужено ги прокнижи првите бодови. Филип Талески беше најефикасен со седум голови, Дејан Манасков имаше пет, а Филип Кузмановски постигна четири погодоци.

Свои минути доби и кружниот напаѓач Костадин Петров, кој за првпат добива шанса на големо натпреварување.

„Чест и задоволство ми е што го носам овој дрес и како и јас, сите ракометари, кога ќе го облечат сака да го даде максимумоти и екипно да се покажеме во добро светло. Мислам дека тргнавме добро, во првите дваесет минути игравме добро и Митревски одбрани неколку зицери.

Но, во финишот на првиот дел „загубивме глава“. Договорот беше да играме брзо, но со глава. Во тие десет минути направивме многу технички грешки, па потоа е многу тешко против еден ваков противник кој се бори можеби и за златниот медал, да се вратиш. Во второто полувреме пробавме „седум на шест“, се вративме, но пак кобни шест минути, во кои ни падна концентрација, донесоа убедлив пораз. Но, главата горе, имаме уште многу натпревари да се поправиме и индивидуално и екипно и да јуришаме кон вториот круг“, рече Костадин Петров.

Нема дилеми дека овој пораз е убедлив, но сигурно е и очекуван, па против Холандија и Аргентина нашите ракометари ќе бркаат место меѓу 24-те најдобри селекции во светот.