Проектот е долгорочна инвестиција за компаниите и државата

Проектот за е-фактура претставува долгорочна инвестиција која ќе донесе значајни придобивки и за компаниите и за државата, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на настанот организиран од Сојузот на стопанските комори на Македонија. На настанот, деловната заедница се запозна со процесот на воведување на е-фактура.

Петрова потсети дека пилот-фазата на имплементацијата започна на 1 јануари оваа година, а во тек е периодот на подготовка. Таа нагласи дека активно се вклучени софтверските компании што развиваат фактурирачки решенија, како и економските оператори со сопствени ERP-системи.

„Техничката документација за пристап до системот е објавена и јавно достапна, со цел навремено приспособување и развој на API-канали за комуникација со платформата ‘Е-фактура’“, рече Петрова.

Тестирање и бесплатни решенија за малите и средните компании

Директорката најави дека клиентската и веб-апликацијата ќе бидат објавени во вториот квартал годинава, по што ќе почне тестирањето со малите и средните компании кои немаат сопствени системи. Тие ќе ги користат бесплатните решенија што ги обезбедува УЈП.

Петрова потенцираше дека развојот на „Е-фактура“ се одвива во партнерство со стопанството бидејќи проектот ќе влијае врз секојдневното работење на компаниите. Таа посочи дека дигитализацијата ќе доведе до значително намалување на административниот товар, автоматизација на процесите, укинување на рачните активности и побрзо архивирање и следење на фактурите.

„Системот ќе овозможи дополнителна дигитализација, како автоматско книжење, подготовка на налози за плаќање и користење на податоците за аналитички и деловни цели“, додаде Петрова.

Придобивки за државата и борба против сивата економија

Од аспект на УЈП, проектот значи добивање структуирани податоци во реално време и подобрена даночна усогласеност. Податоците ќе се вкрстуваат со постојните бази – даночни пријави, финансиски биланси, банкарски и царински податоци, што ќе овозможи побрзо откривање и корекција на евентуални отстапувања.

„Наместо контроли по неколку години, системот ќе обезбеди навремени и автоматизирани реакции, што е во интерес и на компаниите бидејќи ќе овозможи побрзо и полесно коригирање грешки“, рече Петрова.

Директорката истакна дека платформата „Е-фактура“ ќе придонесе за сузбивање на сивата економија и нелојалната конкуренција преку обезбедување дигитална трага за сите деловни трансакции во земјата.