Сите даночни резиденти во својата држава треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во други земји, рече денеска директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова.

Петрова: Упатени покани за пријава на доходи во странство – фер и правично оданочување

Според неа, воопшто што не се работи за ретроактивно оданочување, ниту за покривање состојби како немање пари во буџетот, туку за обезбедување фер и правично оданочување.

-Не се работи ниту за некоја нова законска одредба која сакаме да ја примениме ретроактивно, туку за законска одредба што постоела отсекогаш, откако е донесен Законот за данокот на личен доход и претходно била регулирана и со Законот за персонален данок на доход. Нашите, македонски даночни резиденти тука треба да го пријават и оданочат целокупниот свој доход остварен во земјата и во странство, истакна Петрова.

Се работи, дополни, за универзален принцип што се применува во секоја даночна јурисдикција.

Петрова: УЈП има упатено околу 10.000 покани до граѓани

Како што информира Петрова, досега УЈП има упатено околу 10.000 покани до граѓани кои треба да го пријават доходот остварен во странство и по тие покани околу 1.200 лица доброволно поднеле пресметки, а околу 1.300 се задолжени со даночни решенија.

-Процесот на оданочување е се уште во тек. За овие 2 500 лица пресметаниот данок изнесува скоро еден милион евра, но тие се една четвртина од тие што досега сме ги повикале да го пријават и оданочат својот доход, потенцира Петрова.