Поранешната министерка и пратеничка Славјанка Петровска оцени дека на 31. Конгрес на СДСМ конечно се отвориле тешки, но неопходни прашања за иднината на партијата, нагласувајќи дека по серијата изборни порази, игнорирањето на проблемите повеќе не е опција.
Според Петровска, последниот изборен резултат претставува катастрофа што не може да се третира како изолиран случај, туку како логична последица на долгогодишното отсуство на отворена дебата и сериозна анализа на поразите на изборите во 2021 и 2024 година, како и на резултатот од парламентарните избори во 2020 година.
Таа предупреди дека повторувањето на истите грешки може да има кобни последици за партијата, додавајќи дека иако социјалдемократијата како идеја останува жива, СДСМ без суштинска промена во начинот на функционирање ризикува постепено да биде турнат на маргините, па дури и целосно да исчезне од политичката сцена.
Во таа насока, Петровска предложи конкретни демократски реформи, меѓу кои и измена на Статутот со која претседателите на општинските организации би се избирале директно од членството, наместо да бидат именувани од претседателот на партијата, како што било досега.
Според неа, ваквата промена е клучна за враќање на реалната моќ на одлучување кај членовите и за обновување на довербата во внатрепартиската демократија.
Петровска посебно ја нагласи важноста на критичката мисла, оценувајќи дека таа е суштински елемент на социјалдемократијата и не смее да биде задушувана. Со цел да се расчистат сомнежите околу мотивите за внатрешните критики, таа предложи воведување политички ветинг за сите сегашни и поранешни носители на јавни и партиски функции, вклучително и за членовите на раководството.
Како што истакна, целта е да се спречат јавни пресметки и меѓусебни обвинувања што дополнително ја разоруваат партијата и ја оддалечуваат од граѓаните.
Во заклучокот, Петровска порача дека со јасна стратегија, искрено соочување со реалноста и одлучно дејствување, секој проблем може да се претвори во предизвик, а секој предизвик – во можност за нов политички успех.
