Откако на прес-конференција Ковачки изјави дека министерката крие луксузна хациенда, Петровска се реши да завршат на суд. Со катастарска документација, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во Граѓански суд докажува дека таа никогаш не изградила хациенда во Радишани, како што ја обвини пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки.
Таа изјави дека целта на презентација на документацијата во Суд е да докаже дека пратеникот Драган Ковачки излажал. Петровска рече дека доказите ќе покажат дека таа имотот во скопската населба го продала, па новите сопственици си граделе на имотот.
„Денеска како што минатото рочиште најавивме, ги презентиравме доказите кои се официјални докази, кои се наоѓаат и во Катастар. Неколку договори купо-продажни со кои се гледа дека во минатото, не сега скоро, од 2009 година, јас сум го отуѓила тој имот без таму да има било каков имот односно така наречената хациенда“, рече Петровска.
Таа рече дека на денешното рочиште во Граѓанскиот суд ги презентирале овие докази, тие се дадени на одбраната да ги разгледа, за да се признесе.
„Од овој договор овде, кој е нотарски заведен и спроведен во Катастар, неспорно е дека јас тој имот како недвижен, градежна парцела сум го поседувала, сум го отуѓила и потоа почнала градбата на објектот од денешните сопственици“, рече Петровска.
Петровска го тужи Ковачки за клевета.