Армијата и Министерството за одбрана се насочени кон зајакнување на човечките капацитети затоа што модерна опрема се купува, можете да ја набавите, но инвестирањето во човечките ресурси е нешто кое што е подолготрајно и за што треба особено сите ние да се заложиме, нагласи министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната средба со претставници на невладините и тинк-тенк организации со што почнуваат широки консултации во процесот на трансформација на системот за одбрана кој продолжува по членство на земјата во НАТО за зајакнување на одбранбените способности во периодот 2022-2031 година.
Министерката потенцираше дека процесите во една држава не може да се водат сами по себе, односно не можат да ги водат ниту институциите, ниту организациите и дека ако сакаме да имаме успешност и во спроведувањето на реформите и во нивното планирање, неопходно е да постои тоа партнерство помеѓу владините и невладините институции.
Таа нагласи дека процесот на трансформација на одбраната не е завршен иако сме земја членка на НАТО.
– Она што како министерка за одбрана би го зела како обврска од овој денешен состанок е да обезбедиме дополнително поддршка од Одделот за јавна дипломатија и Фондот наука за мир на Северноатлантската алијанса во утврдување на потребите и приоритетните области за кои преку јавните повици практично ќе може да се обезбеди финансирање од НАТО на проекти – токму ваши проекти кои ќе имаат една единствена улога, а тоа е зајакнување на граѓанската и цивилната контрола на системот на одбрана и Армијата, се разбира адресирајќи ги оние слаби точки или она што нас сите не засега, а тоа е борбата против лажните вести, хибридните закани, креирањето на јавни политики во одбраната итн, посочи Петровска.
Таа се осврна на војната во Украина, посочувајќи дека практично она што денес се случува на европското тло е дело на конвенционален начин на војување, но, како што додаде, неспорно е дека тој се надополнува со хибридните дејствувања коишто се составен дел на секој вид на дејствување, особено се една да речам од главните закани со коишто се соочува не само нашата држава како земја членка на НАТО, меѓутоа и многу други земји.
Таа истакна дека особено е важно тоа што состојбата сега во моментов на европското тло е многу поразлично од она на кое што било во ситуацијата кога се креирале или пишувале националните документи кои сега се на важност.
– Денес се соочуваме со една многу сурова реалност на европско тло во 21 век, се соочуваме со воена агресија врз независна и самостојна држава и тоа е нешто што како прво демократска држава, а второ и како земја членка на НАТО не можеме да го премолчиме или да бидеме имуни на сето тоа, особено што самата таа воена агресија носи сериозни последици врз земјите од регионот, но се разбира дека има влијание и врз стабилноста и безбедноста на регионот, рече Петровска.
Министерката нагласи дека РСМ со членството во НАТО направи сериозен исчекор и тоа е дополнителен гарант на безбедноста во регионот.
– Бевме сведоци на тоа како нашата држава се соочуваше со сериозни безбедносни и политички закани, но зачленувањето во НАТО апсолутно тоа го промени во позитивна конотација и денеска нашите претставници на Армијата се сериозни контибутори во гарантирањето на регионалната безбедност и стабилност. И тоа е нешто што е гордост не само на Армијата, но и гордост на нашата држава. Тоа само го кажувам како пример, како доказ дека секогаш кога политичките процеси во државата се одвиваат во инклузивен процес тој вродува со плод, истакна Петровска.
Пензионираниот полковник Благоја Марковски, како претставник на Балкански форум за безбедност и Асоцијацијата на здруженија од областа на безбедноста, одбраната и меѓународните односи, посочи дека нашата Армија и одбрана во текот на периодот од осамостојувањето и формирањето до денес доживеале неколку успешни трансформации, согласно со времето и можностите кои државата можела да ги приушти во овој период.
– Трансформацијата ја разбирам како еден процес кој постојано ќе трае и во овој период секако треба да биде за пофалба сето она што се случува во секторот на одбраната каде што имајќи го во предвид буџетот кој се одделува за одбраната се повеќе и повеќе мислиме и се ослонуваме на тоа да ја осовремениме одбраната во смисла на нејзино опремување, поставување со современи средства и опрема согласно со предизвиците, ризиците и заканите и истовремено да покажуваме резултати на практично поле, наведе Марковски.
Тој оцени дека земјава направила многу добра проценка кога ги ставила своите вооружени сили во функција на развојот и изградбата на мирот на глобално ниво.
– Еве, Украина ни покажува дека и класичната војна може да биде присутна и во овие современи услови, но и опасноста и заканата од хибридните дејства исто така се присутни, па тие меѓу себе се испреплетуваат и во тој контекст секако треба и ние да водиме сметка во развојот на нашата одбрана, посочи Марковски.
Андреја Стојковски, извршен директор на Институтот Преспа, потенцираше дека се чувствува среќен што државава го потпиша Преспанскиот договор и е дел од НАТО затоа што, како што наведе, „замислете како им е на оние во Украина што беа близу или се обидуваа да обезбедат своја безбедност и заштита и го живеат овој терор во којшто живеат, барем за нас има некој друг којшто гарантира безбедност, ние треба да се погрижиме за останатото“.
– Она што можам да го кажам од аспект на Институтот Преспа е дека сфативме дека за надворешна и безбедносна политика најнапред изгледаме заедно како една целина и притоа не зборуваме само за безбедност – воена одбрана, туку зборуваме малку пошироко. Сфативме дека тоа не е тема на жените во државата, иако среќен сум дека последниве пет години имаме жена на чело на дел од секторот што отвора простор за понатаму, меѓутоа направивме едно мало истражување за учество на жени во дебатни емисии на телевизија и видовме дека од просекот од 25 проценти само 16 проценти се жени кои учествуваат на теми надворешна и безбедносна политика, и одлучивме дека ќе се обидеме да го подобриме тоа учество, наведе Стојковски.