– Реална закана за безбедноста на нашите граѓани нема, но лажните дојави за бомби не треба да останат така, туку треба да се работи посериозно на откривање на причинителите, посочи денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Според неа, може да имаме претпоставки зошто токму земјава е интензивно опфатена со дојави за поставени бомби, но за да знаеме точно од кого се предизвикани и што е целта мора да го знаеме и сторителот.
– Една од претпоставките е позицијата на Република Северна Македонија во поглед на конфликтот во Украина, односно јасното застанување на страната на правдата во оваа држава. Целта на лажните дојави е да се предизвика паника и недоверба во институциите меѓутоа и паника кај населението. Но, кога ќе видите дека главната цел е психичка дестабилизација и негативно влијание врз граѓаните, сите претпоставки се отворени, рече Петровска во одговор на прашање пред почетокот на официјална промоција на Поткомитетот „НАТО и бизнис заедницата“ во Стопанската комора.
Таа посочи дека координацијата за лажните дојави за бомби се одвива помеѓу министерствата за внатрешни и за надворешни работи, но, како што истакна, се вклучува и Министерството за одбрана со своите капацитети и со военото разузнавање.
– Оние информации кои пристигнуваат до нас ги споделуваме со МВР и МНР со цел да се направи стратегија за побрзо и поефикасно дејствување. И од искуствата од земјите во регионот, па и пошироко се гледа дека кога станува збор за ваков тип на дејствување откривањето оди многу побавно заради тоа што се користат современи алатки на комуникации за кои е потребно малку повеќе време. Останува на институциите да работат уште посилно во откривањето, меѓутоа и во зајакнувањето на сопствените капацитети со цел да ја гарантираат безбедноста на граѓаните, потенцира Петровска.д